Нови наставни програми за VII одделение

Бирото за развој на образованието ги изработи наставните програми за седмо одделение чија имплементација ќе започне во учебната 2024/25 година и истите ги достави за донесување до министерот за образование и наука.

Со наставните програми за седмо одделение реформата на основното образование продолжува во третиот развоен период на основното образование.  Наставните програми се базирани на резултати од учење од кои се изведени и конкретни стандарди за оценување (пристап што се практикува во сите современи образовни системи), кои обезбедуваат учениците, да се стекнат со знаења, вештини и вредности/ставови што се неопходни за живеење во современото општество. И во овие наставни програми се задржува пристапот кој обезбедува активно учество на учениците во процесот на учење, кој овозможува развивање на нивните компетенции за учење базирани на критичко мислење (соодветно поврзување на информациите, наместо само нивно помнење).

На средбата со министерот за образование и наука се посочи дека реформата води до квалитативни промени во сите клучни сфери на основното образование и дека со новите наставни програми и новиот пристап се овозможува континуирано стекнување на знаења и вештини, не само од дисциплините што се изучуваат преку наставните предмети, туку и знаења и вештини што се неопходни за подготовка на учениците за справување со предизвиците на современото живеење, преку воведување на содржини од областа на медиумската писменост, дигиталната писменост и информатиката, финансиската писменост и претприемништвото, заштитата на животната средина, справувањето со корупција, превенцијата од насилство итн.

Директорот на Бирото за развој на образованието го истакна придонесот на советниците од Бирото, експертите ангажирани како членови на комисиите за изработка и усогласување на наставните програми, универзитетските професори и наставниците од основните училишта.