» ГИМНАЗИСКО ОБРАЗОВАНИЕ

Гимназиско образование


Во Република Македонија гимназиското образование се организира во 42 јавни средни училишта од кои во 34 наставата се реализира на македонски наставен јазик, а во 8 училишта на албански наставен јазик и на македонски наставен јазик. Во две училишта има гимназиски паралелки на турски наставен јазик.
Од 42-те средни училишта, како гимназии се организирани само 16 училишта (11 на македонски наставен јазик и 5 на албански наставен јазик), а останатите се средни стручни училишта во кои се формирани гимназиски паралелки.
Освен постојните јавни гимназии, во Република Македонија гимназико образование се остварува и во 3 приватни гимназии на: македонски, албански, турски и англиски наставен јазик.

Од учебната 2001/2002 година во Република Македонија се применува нов Наставен план за гимназиското образование, којшто, како краткорочно решение, претрпе промени во 2003/2004 година, бидејќи во  периодот на неговата примена се појавија извесни проблеми и потешкотии произлезени од некои недоречености, недоследности  и нејаснотии во самиот план, а се однесуваат на подрачјата на изборните предмети, задолжителните изборни програми и содржини, изборните содржини, вкупниот број на часовите, оптовареноста на програмите, оптовареноста на учениците и сл.
Долгорочните решенија за гимназиското образование ќе произлезат од Националната програма за развој на образованието во Република Македонија 2005-2015 година, врз основа на којашто ќе се изготви нов концепт за гимназиското образование, ќе се дефинираат образовните стандарди и постапно ќе се воведуваат проектираните решенија во пилот-училишта.

Вкупниот годишен фонд на часови во гимназиското образование е следниот:

Година Број на часови
I година 31 (33) часа
II година 33 (35) часа
III година 31-32 (33-34) часа
IV година 29 (31) часа

Со Наставниот план се утврдени компонентите кои се задолжителни за сите ученици и рамките во кои треба да се движат училиштата при утврдувањето на останатите компоненти на наставниот план. Тоа значи дека на училиштата (директорите, наставниците, учениците) им се дава извесна слобода во креирањето на изведбените наставни планови.
Наставниот план е структуриран од четири организациско-содржински компоненти: задолжителни предмети, изборни предмети, задолжителни изборни програми и проектни активности.

Задолжителни предмети

Задолжителните предмети го сочинуваат заедничкото програмско јадро и тие се заеднички и задолжителни за сите ученици во гимназиското образование. Тие се претпоставка за обезбедување на општообразовен стандард кој овозможува хоризонтална и вертикална проодност  на учениците. Опфаќаат содржини од современото општо образование коишто во прва година се распоредени во 10 (11) наставни предмети, за постапно да се намалат во четврта година на 5 (6) наставни предмети. Оваа компонента на Наставниот план ја сочинуваат 12 (13) наставни предмети распоредени во четирите години. Тоа, во основа, се поголемиот дел од наставните предмети кои во континуитет продолжуваат од основното образование. Програмите за овие наставни предмети ги изготвува Бирото за развој на образованието во соработка со соодветните факултети и наставници од училиштата, а ги донесува министерот за образование и наука.

Изборни предмети

Изборните предмети се групирани во три изборни подрачја: природно-математичко, јазично-уметничко и општествено-хуманистичко подрачје. Ваквата глобална групираност донекаде соодветствува на групираноста на науките во високото образование, а претставува и прегледно групирање на програмските содржини врз основа на што ќе се определуваат учениците.
Училиштата се должни да обезбедат услови за реализација на воспитно-образовна работа во најмалку две изборни подрачја. Во помалите места училиштата треба полека да создаваат услови за реализација на воспитно-образовната работа во сите три подрачја.
Ученикот, од најмалку двете изборни подрачја што му ги нуди училиштето, се определува за едно во втора година, најдоцна до крајот на наставната година. Со оглед на тоа што во втора година постои разлика само во еден изборен наставен предмет, ученикот може да го смени изборното подрачје и/или училиштето најдоцна до крајот на втората учебна година (30 август во тековната година), ако за тоа постојат услови во училиштето.
Изборните предмети имаат функција на продлабочување и проширување на знаењата на учениците. Изборноста е застапена преку наставни предмети кои се јавуваат под ист назив како дел од задолжителните предмети и преку наставни предмети под различни називи од називите на задолжителните предмети кои претставуваат делови или изводи од научните дисциплини. Изборните предмети се програмирани со по 2 и 3 часа неделен фонд од втора до четврта година. Наставните програми за изборните предмети ги подготвува Бирото за развој на образованието во соработка со соодветните факултети и наставниците од училиштата, а ги донесува министерот на образование и наука.
Во прва година не постојат изборни предмети. Тоа значи дека прва година е иста и заедничка за сите ученици во гимназиското образование.
Во втора година ученикот од листата на изборни предмети (од најмалку три предложени од страна на училиштето предмети) избира еден предмет.
Бројот на часовите за изборните предмети постапно се зголемува од 2 во втора до 9 часа во четврта година.

Листа на изборни предмети II година

Бр. Име на предмет Број на часови
1 нформатичка технологија 2 часа
2 Класични јазици (старогрчки или латински) 2 часа
3 Елементарна алгебра 2 часа
4 Елементарна геометрија 2 часа
5 Говорење и пишување 2 часа
6 Етика 2 часа

Од наведената листа на изборни предмети секое училиште е должно, според интересот и желбите на учениците, како и според своите кадровски и просторни можности  и услови, да понуди најмалку три предмети од кои ученикот избира еден.
Училиштето ги запознава учениците со листата на изборните предмети во текот на првата година, а ученикот се определува за еден предмет од листата најдоцна до крајот на првата наставна година. Ученикот може да го смени изборниот предмет најдоцна до крајот на првата учебна година (30 август во тековната година) доколку за тоа постојат услови во училиштето.
Бројот на учениците за кои може да се организира настава за одделен избран изборен предмет изнесува најмалку 17.
Оној ученик кој во учебната 2002/2003 година во прва година избрал и реализирал одреден изборен предмет, во втора година ќе избира и реализира наставен предмет од предложената листа на изборните предмети за втора година, со различна содржина од содржината на предметот што го избрал и реализирал во I година.
За секое изборно подрачје во трета и четврта година се утврдени листи на изборни предмети. Секое изборно подрачје содржи две комбинации на изборни предмети. Комбинациите на изборните предмети се утврдени врз основа на логичките и функционалните односи помеѓу сродните научни дисциплини. Со овие комбинации на секој ученик му се дава можност да се развива во оној правец во кој ги покажува и изразува своите желби, интереси, способности, како и да се информира и подготви за соодветни студии.
Училиштето е должно да ги информира учениците за можните комбинации на изборни предмети во текот на втората година на школувањето, а ученикот треба да се определи за една комбинација на изборни предмети на крајот на втората наставна година. Ученикот може да ја смени комбинацијата на изборни предмети најдоцна до крајот на втората учебна година (30 август во тековната година), доколку за тоа постојат услови за училиштето.
По определувањето за одредена комбинација на изборни предмети, секој предмет од таа комбинација за ученикот станува задолжителен и влијае врз неговиот општ успех и правото за напредување.
Најмалиот број на ученици за кои може да се организира настава за една изборна комбинација изнесува 17 ученици или половина од дозволениот број на ученици во една паралелка.
За секоја комбинација на изборни предмети, со посебни – изведбени наставни планови се дефинираат бројот, називот, распоредот и фондот на часовите на изборните предмети по години.

I.  ПРИРОДНО-МАТЕМАТИЧКО ПОДРАЧЈЕ

Листа на изборни предмети     III година     IV година

Бр. Име на предмет Број на часови
1 Физика 3 часа
2 Хемија 3 часа
3 Биологија 3 часа
4 Алгебра 3 часа
5 Линеарна алгебра и аналитичка геометрија 3 часа
6 Математичка анализа 3 часа
7 Програмски јазици 3 часа
8 Географија 2 часа
9 Латински јазик 2 часа

Комбинации (пакети) на изборни предмети:

III година     IV година

Бр. Име на предмет Број на часови
1 Физика 3 часа
2 Линеарна алгебра и аналитичка геометрија 3 часа
3 Алгебра 3 часа
4 Програмски јазици 3 часа
5 Математичка анализа 3 часа

Оваа комбинација на изборни предмети  им овозможува  на завршените ученици поголеми шанси  да се запишат на: Електро­технички, Градежен, Архитектонски, Машински и Природно-математички факултет (информатика, математика и физика.)

III година     IV година

Бр. Име на предмет Број на часови
1 Физика 3 часа
2 Хемија 3 часа
3 Биологија 3 часа
4 Програмски јазици 2 часа
5 Географија 2 часа
5 Латински јазик 2 часа

Оваа комбинација на изборни предмети  им овозможува  на завршените ученици поголеми шанси  да се запишат на: Медицински, Земјоделски, Ветеринарен, Технолошки и Природно-математички факултет (хемија, биологија, физика и географија).

II. ЈАЗИЧНО-УМЕТНИЧКО  ПОДРАЧЈЕ

Листа на изборни предмети
Наставен план      III година     IV година

Бр. Име на предмет Број на часови
1 Трет странски јазик (италијански, шпански,
руски, француски, гемански, англиски)
3 часа | 3 часа
2 Ликовна уметност 2 часа | 2 часа
3 Класични јазици (старогрчки, латински) 2 часа | 2 часа
4 Музичка уметност 2 часа | 2 часа
5 Драмска уметност 3 часа
6 Компаративна книжевност 2 часа
7 Педагогија 2 часа
8 Психологија 2 часа
9 Латински јазик 2 часа

Комбинации (пакети) на изборни предмети:

III година     IV година

Бр. Име на предмет Број на часови
1 Трет странски јазик (италијански, шпански,
руски, француски, гемански, англиски)
3 часа | 3 часа
2 Класични јазици (старогрчки, латински) 2 часа | 2 часа
3 Педагогија 2 часа
4 Психологија 2 часа
5 Компаративна книжевност 2 часа

Оваа комбинација на изборни предмети  им овозможува  на завршените ученици поголеми шанси  да се запишат на: Филозофски и Филолошки факултет и на педагошките факултети.

 

III година     IV година

Бр. Име на предмет Број на часови
1 Економија 3 часа
2 Вовед во правото 2 часа
3 Менаџмент 2 часа
4 Логика 2 часа
5 Социологија 2 часа
6 Историја 2 часа
7 Латински јазик 2 часа

Оваа комбинација на изборни предмети  им овозможува  на завршените ученици поголеми шанси  да се запишат на: Економски, Правен, Филозофски и Филолошки факултет.

III година     IV година

Бр. Име на предмет Број на часови
1 Социологија 2 часа | 3 часа
2 Филозофија 2 часа
3 Историја 2 часа
4 Психологија 2 часа
5 Педагогија 2 часа
6 Етика 2 часа

Оваа комбинација на изборни  предмети  им овозможува  на завршените ученици поголеми шанси  да се запишат на: Филозофски факултет и на педагошките факултети.

Терминот “задолжителни изборни програми ” е задржан поради тоа што се содржи во Законот за средно образование. До промената на Законот за средно образование и до донесувањето на концептот за гимназиското образование под овој термин ќе ги подразбираме содржините од областа на спортот и уметноста.
Преку програмираните содржини учениците во рамките на ова  подрачје во Наставниот план ги задоволуваат своите интереси од областа на спортот и спортските активности, ликовната уметност и музичката уметност.
Тие во Наставниот план на гимназиското образование имаат статус на наставни предмети и се реализираат во неделниот фонд на часови низ различни облици на работа. За секоја содржина одделно се утврдува и начинот на реализација. Учениците во рамките на секоја област избираат  определена програма за која имаат интерес и талент. Наставата е менторска со примена на пофлексибилни дидактичко-методски постапки и форми на работа при што ученикот е активен субјект на кој му се дава можност да ги искаже своите креативни способности. Оваа настава треба да им овозможи на учениците да го искажат талентот и да остварат повисоки постигања во областа на спортот и уметноста.
Содржините од областа на спортот и спортските активности се програмираат врз основа на посебни програми и се реализираат со по 2 часа неделен фонд во I и II и со по 3 часа во III и IV година.
Содржините од ликовната уметност се програмираат со посебни програми и се реализираат со 2 часа неделен фонд во I и со 1 час неделен фонд во II година.
Содржините од областа на музичката уметност, исто така, се програмираат врз основа на посебни програми и се реализираат со 1 час неделен фонд во I и со 2 часа неделен фонд во II година.
Училиштата се должни, врз основа на своите просторни, материјални, кадровски и организациски услови да им понудат на учениците повеќе програми за содржините од областа на спортот и културата. Учениците, според својот интерес, избираат или се определуваат за соодветни програми и истите ги реализираат. За остварувањето на целите на програмите се грижат соодветните наставници. Во наставата учениците се активни субјекти, а наставниците како ментори ги следат и евидентираат постигањата на учениците.
Програмите за содржините од областа на спортот и културата (спорт и спортски активности, ликовна уметност и музичка уметност) ги избработува Бирото за развој на образованието во соработка со соодветните факултети и наставниците од училиштата, а ги донесува министерот на образование и наука.

Постигањата на учениците се искажуваат описно (член 56 од Законот за средно образование “Сл. весник на РМ” бр. 52 од 11 јуни 2002 година) со следниве искази:

Бр. Oписнo
1 програмата ја реализирал со особен успех;
2 програмата ја реализирал со многу добар успех;
3 програмата ја реализирал со добар успех;
4 програмата ја реализирал со доволен успех.

Учениците кои од оправдани причини ќе изостанат од наставата или нема да реализираат дел од програмата, пропуштеното можат да го реализираат во некој договорен термин со наставникот, за време на полугодишниот распуст или на крајот од наставната година, најдоцна до почетокот на следната учебна година.
Ученик кој не ги реализирал предвидените изборни програми од неоправдани причини не добива свидетелство за завршена година и нема право на упис во наредната година.

ПРОЕКТНИ АКТИВНОСТИ

Проектните активности се посебно подрачје во Наставниот план чијашто функција е задоволување на индивидуалните интереси и желби на учениците во одделни области. Поради својата специфичност, тие се разликуваат од наставните предмети и затоа се реализираат во рамките на годишниот фонд на часови (со по 70 часа) од I до IV година, по слободен избор на ученикот.
Проектните активности можат, според сопствените капацитети  и можности на училиштата, да се реализираат во текот на целата наставна година, во следните области и со следниот обем: (*)

Бр. Oбласти Oбем
1 Култура за заштита, мир и толеранција (15 + 20) часа
2 Урбана култура (15 + 20) часа
3 Култура на здраво живеење (15 + 20) часа
4 Природни науки (15 + 20) часа
5 Граѓанска култура (15 + 20) часа
6 Спортски активности (15 + 20) часа
7 Активности од областа на музиката (15 + 20) часа
-хор 70 часа
-оркестар 70 часа
8 Ликовно-творечки активности (15 + 20) часа
-сликарство (15 + 20) часа
-графика (15 + 20) часа
-скулптура (15 + 20) часа
-архитектура (15 + 20) часа
-дизајн (15 + 20) часа
-ликовна критика (15 + 20) часа
-историја на уметноста (15 + 20) часа
-Литературни клубови и драмски секции 35 часа
-Спортски денови 10 часа

    (*) Во IV година обемот на една проектна активност изнесува 30 часа, односно (15+15) часа, или вкупно 60 часа годишно.

    Првата бројка во заградата го означува бројот на часовите коишто се реализираат во училиштето, а втората бројка го означува бројот на часовите коишто му се потребни на ученикот за домашна работа на проектните активности или, пак, за нивна реализација во некоја друга институција. Часовите што не се ставени во заграда се реализираат единствено во училиштето.
    Сите проектни активности од наведените области можат да се реализи­раат во секоја од четирите години на школувањето, освен активностите од областа “Граѓанска култура” кои можаат да се реализираат само во третата и четвртата година од школувањето.
    Целта на ваквата организација на проектните активности  е да се обезбеди активен однос на учениците во процесот на нивната реализација. Тоа ќе овозможи да се поттикне креативноста на учениците, со цел да дојдат до израз нивните афинитети и индивидуални способности.
    За успешна реализација на овие проектни активности, наставниците  треба да обрнат  посебно внимание на планирањето, кое треба да биде флексибилно и прилагодено на потребите и интересите на учениците. Наставниците треба повеќе да се јавуваат во улога на ментори, консултанти и обучувачи.
    Оние проектни активности  коишто ќе се реализираат во рамките на училиштето не смеат да се предвидат како часови во редовниот распоред на паралелките. Тие треба да се организираат во текот на работните денови во седмицата, во време прифатливо за учениците и во време кое нема да се поклопува со редовниот седмичен распоред на часовите. Формирањето на групите, начинот и организацијата на работата е во надлежност на училиштата.
    Вкупниот обем на  часови предвиден за проектните активности во текот на една наставна година изнесува 70 часа. Тие не се оценуваат (ниту бројчано ниту описно), но секој ученик, според својот избор, мора задолжително да ги реализира во предвидениот обем во текот на секоја наставна година. Одговорниот наставник води посебна евиденција за реализацијата на проектните активности и прави извештај за секој ученик.
    Проектните активности ги програмираат училиштата, односно наставниците, стручните соработници (педагози, психолози, социолози и др.) и учениците во соработка со Бирото за развој на образованието и останатите институции од локалната средина заинтересирани за меѓусебна соработка.
    Оние ученици кои од какви било причини нема да ги реализираат предвидените проектни активности, имаат обврска тоа да го направат до почетокот на наредната учебна година. Доколку ученикот не ја реализира оваа своја обврска нема да му се издаде свидетелство за завршена година.

    За секоја проектна активност ученикот изработува портфолио во кое се евидентира видот на проектната активност, времето и местото на нејзината реализација.
    Менторот ја следи и ја потврдува реализираната проектна активност. Реализацијата на годишниот фонд на часови предвиден за проект­ни­те активности ја верификува класниот раководител