» За деца со посебни потреби

Образование на деца со посебни потреби

 

Некои аспекти за воспитанието и образованието на децата и младинците со посебни образовни потреби во Република Македонија

Воспитанието и образованието на децата и младинците со посебни образовни потреби претставува интегрален дел на едиствениот образовен систем и се планира врз идентични или многу слични определби и генерални принципи.

Врз статусот на овој вид образование влијаат општопознтите фактори, релевантни за секое образование (општествените, политичките, економските, културните), но и различните идеологии од што произлегуваат различни концепции и модели.

Демократските правци во светот, кои се се поизразени, мошне позитивно се рефлектираат и врз оваа област, што е воочливо преку бројните заложби како што се: рамноправност, интеграција, модернизација, перманентност на образованието и друго.

Без оглед на степенот на развиеноста и општественото уредување, земјите во светот се поангажирано и поорганизирано се мобилизираат  за решавањето на проблемите на децата и лицата со посебни образовни потреби и задоволување на нивните специфични потреби.

Извесно е дека воспитанието и образованието на децата и младинците со посебни образовни потреби во Република Македонија не се потпира врз долга традиција. Во развојниот период од шеесетина години преземени се следните активности:
нормативно е регулиран флексибилен систем на воспитание и образование;
создадена е мрежа на установи што ги задоволува постојните  потреби;
утврден е систем на финансирање;
обезбеден е задолжителен тимски преглед од соодветни стручни комисии за секое дете пред упатување во соодветна институција;
воспитно – обазовниот процес се реализира според наставни планови и програми кои содржат специфичности, со што не се доведуваат во прашање општите образовни цели.

Актуелната концепциска поставеност на воспитанието и образованието на децата и младинците со посебни образовни потреби е регулирана и интегрирана во Законот за основно образование, Законот за средно стручно образование и, глобално, може да се презентира како:
*   крајната цел на воспитанието и образованието на децата и младинците со посебни образовни потреби е иста или слична на оние од  ,,редовната популација”;
*   воспитанието и образованието на децата и младинците со посебни образовни потреби организирано е во посебни установи и училишта, посебни паралелки при редовните училишта, како и во ,,редовните класови”, заедно со неговите врсници;
*  задолжителноста на основното воспитание и бразование се однесува и на децата и младинците со посебни образовни потреби, освен за оние со умерени и тешки пречки во психичкиот развој за кои, исто така, е организиран воспитно – образовен процес, програмиран и адаптиран на нивните индувидуални можности и потреби;
*  наставните планови и програми се адаптирани  (модифицари, редуцирани, растоварени), во различна мера, согласно видот и степенот на попреченоста;
* законска и стручна  заложба е што помасовно овие ученици да се образуваат во местото на живеење, што значи условите да се доближат до нив, а не тие до условите, во случаи кога тоа е можно;
*децата со посебни образовни потреби ги имаат истите права на образование како и другите, согласно своите интелектуални и други можности, амбиции и интереси.

Ваквата нормативна поставеност на воспитанието и образованието на децата и младинците со посебни образовни потреби, е добра основа за негово понатамошно доградување и усовршување.

Ако се направи споредба со образовната политика за овие ученици, со развиените земји, може да се констатира дека, во глобала, многу нормативни решенија се идентични или многу блиски со оние кај нас.

Разликите се согледуваат во степенот и квалитетот на нормативното оживотворување, што се должи на економското и културното ниво, традицијата, предрасудите, како и низа останати фактори.

Појдовни основи за унапредување на Концепцијата за воспитание и образование на децата и младинците со посебни образовни потреби  во Република Македонија

При изготвување на насоките за унапредување на Концепцијата, како пјдовни основи се третираат, искуството на развиените земји во светот, најновите научни сознанија, како и  резолуциите на меѓународните тела и организации (УНЕСКО, ООН).1

Од анализата на споменатите извори, а врз основа на општоприфатените принципи, може да се проектираат концепциските рамки на воспитанито и образованието на децата и младинците со посебни образовни потреби во нашата земја, притоа имајќи ги во вид светските трендови и евроинтеграциските процеси, како:
1.      Законодавна интегрираност, односно непостоење на паралелни закони што ќе го регулираат воспитанието и образованието на децата и младинците со посебни образовни потреби.
2.      Инеграција на децата и младинците со посебни образовни потреби во сите сфери на општественото живеење, односно надминување секаков вид сегрегација, секаде каде што е тоа можно.

Предноста на таквата интеграција се аргументира со следното:
·  децата и младинците со посебни образовни потреби не се изолирани од своите врсници, тие имаат можност да се доживеат као дел од одделението и колективот;
·  училиштето се насочува кон создавање услови за најфлексибилен однос кон сите ученици, а особено кон оние кои имаат специфични воспитно – образовни потреби.

Движењето за инклузија се заснова на принципот на индивидуализација во програмирањето, пристапот во самиот процес на реализација, со што се обезбедува најоптимален развој во сите сфери за секоја индивидуа.
Воспитно- образовната инклузија не подразбира само физичко сместување на децата и младинците со посебни образовни потреби во редовното училиште, туку и вклучување во работата и животот на училиштето, што се постигнува со обезбедување на низа претпоставки. Паралелно со процесот на инклузија, потребно е да се развиваат адекватни служби што ќе обезбедат  тимски приод при разрешувањето на проблемите во редовното училиште, вклучување дефектолог во училиштето, како и обезбедување на специфичните потреби, согласно тешкотиите со кои се соочува ученикот:
* соодветна опрема, посебно адаптиран простор, општи и посебни наставни средства;
* наставниците во редовните училишта треба да стекнат основни неопходни знаења за препознавање на тие деца и младинци и да се оспособат да им пружат соодветна помош во рамките на училиштето во соработка со останатите стручњаци од тимот, дефектологот во училиштето, како и стручњаци од релевантни установи и институции.

Доколку не се обезбедат наведените претпоставки, може да се случи децата и младинците  со посебни образовни потреби да останат на маргините, односно таквиот статус драстично да влијаае и да доведе до нивна алиенизација и стигматизација.2
Денес во светот се среќаваат најразлични облици на надминување на сегрегационите облици на воспитание и образование на децата и младинците со посебни образовни потреби.
Во на шата земја процесот на инклузија на учениците со посебни образовни потреби се заснова на позитивните светски искуства адаптирани на нашиот национален контекст.

3.   Во прилог на оживотворување на  општата демократизација и хуманизација се погласно се потенцира општата заложба ,,образование за сите”, што значи примена на фундаменталното право на образование.

Принципот на образование за сите го признава правото на  соодветно образование согласно можностите  на децата и младинците без оглед на степенот на нивниот хендикеп или специјална потреба.

Имајќи во вид дека посебните потреби се од различен вид и степен, заложбата образование за сите не подразбира вклучување во воспитно – образовниот систем на децата со умерени и тешки пречки во развојот, кои не поседуваат способности за школско учење. Тоа, пак, не ја исклучува можноста и потребата од организирање соодветни модели на организирано специјално учење во функција на социјализацијата, напротив, тоа е општествена обврска, а нивно неприкосновено природно право.

4.   Една од темелните интенции за кои се погласно и се поаргументирано се зборува во литературата и на сите стручни собири кои ја третираат оваа тематика е опфатот на децата со развојни проблеми и посебни образовни потреби со ран третман и предучилишно воспитание и образование.
Научната заснованост на раната детекција и опфатот на децата со развојни проблеми и посебни образовни потреби со соодветен третман и организирани форми на предучилишно воспитание и образование е елабориран во многу научни трудови, додека практиката тоа го докажала на терен.
Целта на раната интервенција (третман) се изразува во максималното развивање и користење на биопсихосоцијалните потенцијали во функција на компензирање на изгубениот орган (способност), во период од животот кога може пресудно да се влијае. Процесите на компензација не се насочени на директно надоместување на недостатокот (што често е незаменливо), туку на премостување на тешкотиите  што се јавуваат како последица на недостатокот, односно супструктурата кај некои лица може да развие толку силен компензаторски механизам, така што станува импулс и обезбедува развој.

5.   Со развојот на научната мисла, се појасно се истакнува неопходноста од интердисциплинарен или трансдисциплинарен приод во многу научни подрачја, зошто се согледува сложеноста на определени феноменомени и ограчиноста на можноста тоа да го проучува една наука (научна дисциплина).
Трансдисциплинарниот приод во дефектологијата има не само содржинско значење, туку тој стануваи значајно методолошко начело што произлегува од единственото правилно сфаќање на човекот воопшто. Практичната примена на ваквиот приод во дефектолошката практика ја обезбедува потребната рамнотежа во одмерувањето на видот и степенот на помошта во различни етапи од животот на децата , младинците и лицата  со посебни образовни потреби, без ризик од пренагласување на некоја од нив.

Имајќи ги во вид моментните неповолни економски движења и состојби, што со сета сериозност го погодуваат развојниот свет, овој приод има поексплицитна примена во решавањето на посебните потреби на децата и младинците со посебни потреби (средства, кадар, финансии), што упатува на интерсекторска координација, што беше особено нагласена и на советувањето во Париз.
Досегашното искуство покажа дека е невозможно да се унапредува теоријата и практиката ако, пред се, не се применат научно засновани евалвации на секој сегмент на образованието и ако практичарите паралелно не се оспособуваат за трансфер на резултатите од научните истражувања во практиката. Без тоа не може да се очекува некој побитен напредок.

Видови попречености во развојот на децата и младинците за кои се организира посебно образование

Во Република Македонија во Законот за основно и во Законот за средно образование се оперира со терминот ученици со посебни потреби кои се вклучени во посебното образование, а тоа се деца и младинци со оштетен вид, оштетен слух, деца со телесен инвалидитет, пречки во психичкиот развој, проблеми во поведението, деца и младинци со аутизам, како и деца и младинци со комбинирани пречки  (мултихендикеп).
1. Деца и младинци со оштетен вид

Главна специфичност на развојот на децата и младинците со оштетен вид, особено со оние со тотално слепило е тешкото пореметување на визуелните и просторни претстави, ограниченост во движењето, до беспомошност во просторот. Сите останати способности кај слепото дете можат правилно да функционираат. Најизразената особеност на личноста на слепото дете е согледана  во противречноста што постои помеѓу релативната беспомошност во просторот и способноста вербално целосно и адекватно да комуницира. Така, говорот и врз него заснованото комуницирање претставуваат основно средство за комуникација кај слепите деца.

2. Деца и младинци со оштетен слух

Децата и младинците со оштетен слух во физичка смисла се многу поадаптибилни од слепите деца и младинци.
Светот во човековата свест е првенствено претставен као визуелен феномен. Инерпретирано од биолошки аспект, оштетувањето слухот претставува далеку помал недостаток од оштетувањето на видот. Но, тоа кај човекот не е така. Лишено од говорот, лицето со оштетен слух е во поголема мера изолирано од општественото живеење, од социјалното искуство, отколку слепото лице.
Обучувањето на децата со оштетен слух се заснова на читање на говор од уста, т.е. врз способноста на децата да ја забележуваат и разбираат визуелната слика на говорот.

3. Деца и младинци со телесен инвалидитет

Телесно инвалидните деца и младинци се оние коишто најмалку имааат потреба од некој вид на специфично образование. Тешкотиите во врска со нивното воспитание и образование претежно се од физичка природа (не можат да одат во училиште, да пишуваат, да работат). Кај нив потенцијална опасност претставува можноста да се изгуби психичката рамнотежа како последица на посебниот социјално – психолошки статус.
Затоа основна задача на воспитанието е да ги спречи појавите на таквите чувства како што е: инфериорност, самосожалување итн. што доста негативно би влијаело врз нивната социјализација.

4. Деца и младинци со пречки во психичкиот развој

Воспитанието и образованието на овие деца и младинци создава најмногу проблеми затоа што од етиолошки аспект тие претставуваат мошне хетерогена категорија. Кај дел од нив е оштетен централниот нервен систем, најголем дел наследуваат скромен интелектуален потенцијал (хередидатарен фактор), но заедничка им е скромната можност за компензација и крајно ограничениот когнитивен развој.

5. Деца и младинци со аутизам

Учениците со аутизам имаат квалитативни оштетувања на планот на вербалната и невербалната комуникација. Овие ученици имаат проблем во сферата на воспоставувањето на социјалната комуникација и соработка со потесното окружување и пошироко. Нивните активности се малубројни, додека сферите на интерес се многу ограничени.

6. Деца и младинци со комбинирани пречки (мултихендикеп)

Воспитанието и образованието на овие деца и младинци има многу поголеми потешкотии, што е природно, ако се има во вид повеќекратното оштетување, како на пример  (вид, слух, говор и други оштеувања). Сепак, треба да се напомене дека  и лице со повеќекратни сериозни оштетувања може да има високи постигања на едукативен план, доколку интелектуално и ментално е супериорно и доколку соодветно и рано се започне неговото воспитување, рехабилитација и образование.

Организација на воспитанието и образованието на учениците со посебни образовни потреби

Воспитанието и образованието на децата и младинците со посебни образовни потреби скоро во целост ја следи шемата на редовното образование:

* посебно предучилиншно воспитание и образование;
* посебно основно образование;
* посебно средно стручно образование.

I. Посебно предучилишно воспитание и образование

Во рамките на предучилишното образование, во рамките на посебните основни училишта и посебните паралелки при редовните училишта,  постојат подготвителни одделенија за деца со:
·         оштетен вид;
·         оштетен слух;
·         пречки во психичкиот развој;
·         телесен инвалидитет;
·         хронично болни;
·         аутизам.

II. Посебно основно образование

Во нашата земја постојат посебни основни училишта и посебни паралелки при редовните училишта во кои се едуцираат ученици со:
·         оштетен вид;
·         оштетен слух;
·         пречки во психичкиот развој;
·         аутизам;
·         нарушено социјално однесување.

III. Посебно средно стручно образование

Посебното средно стручно образование се реализира во посебните средни стручни училишта за ученици со:
·         оштетен вид;
·         оштетен слух;
·         пречки во психичкиот развој.