На 9 мај илјадници училишни часови низ целата држава се одржаа на отворено. Над 34 000 ученици и повеќе од 1600 наставници од основни и средни училишта се приклучија на националната еко-акција „Генералка викенд“, низ практични експерименти, часови и работилници посветени на заштита на животната средина и климатските промени. Преку еко-часови и активности за чистење, учениците ја претворија еколошката акција во практично учење.
Во основното училиште „Лазо Ангеловски“ во Скопје, директорката на Бирото за развој на образованието Милка Тримчевска, претставничката на УНИЦЕФ Лесли Милер и градоначалникот на Општина Аеродром Дејан Митески учествуваа во училишните активности. На настанот беа присутни советници од областа на природните науки од Бирото за развој на образованието, ученици, наставници и родители.
Директорката на Бирото за развој на образованието за медиумите изјави дека интегрирањето на заштитата на животната средина во секојдневното учење е клучно за подготовка на учениците да станат информирани и одговорни граѓани и преку вакви иницијативи се унапредува еколошката свест и граѓанската одговорност кај децата и младите.
Оваа иницијатива ја интегрира еколошката едукација во формалниот наставен процес и ја надополнува тековната реформа на Владата за модернизација и еколошка трансформација на образовниот систем. Со поддршка од УНИЦЕФ и Шведска, Бирото за развој на образованието има изготвено прирачници за наставници за образование за животна средина кои вклучуваат содржини за искуствено учење за животната средина и климатските промени. Над 7000 наставници добија обука и ресурси за да ги преточат овие теми во интерактивно учење.