НАЦИОНАЛЕН НАТПРЕВАР НА НАЈДОБРИ УЧЕНИЧКИ КОМПАНИИ ВО УЧЕБНАТА 2024/2025 ГОДИНА

На 7 мај во просториите на М6 едукативниот центар во Скопје се одржа Националниот натпревар на најдобри ученички компании во учебната 2024/2025 година. Натпреварот беше во организација на Џуниор Ачивмент Македонија и на него зедоа учество 70 средношколци од 11 училишта, водени од 13 наставници коишто беа дел од Програмата за ученичка компанија.

На отворањето на натпреварот на присутните им се обрати директорката на Бирото за развој на образованието, г-ѓа Милка Тримчевска, која што ја нагласи поддршката на Бирото за настаните и иницијативите коишто се насочени кон развој на претприемачките вештини на учениците. Воедно ја нагласи и суштинската улога на финансиското образование, односно финансиската писменост. „Да се биде финансиски писмен не значи само да умееш да сметаш, туку да знаеш како да управуваш со своите лични и деловни финансии, како да штедиш, инвестираш, и како да носиш одговорни одлуки“, потенцира директорката на Бирото за развој на образованието, изразувајќи надеж дека токму програмата Ученичка компанија е од голема важност и многу ќе им користи на учениците во развој не само на нивните идни бизниси, туку и во секојдневниот живот.

Победник на годинешниот национален натпревар е ученичката компанија „Playful Pages“ на учениците од средното училиште „Јовче Тесличков“ од Велес, кои со својата идеја сакаат да ги оживеат заборавените традиционални детски игри и да ги приближат кон денешните генерации на иновативен, инклузивен и едукативен начин. „Playful pages“ е првата инклузивна сликовница на македонски јазик која преку аудио, видео и визуелна поддршка ги оживува заборавените детски игри.

„Playful Pages“ – најдобрата Џуниор Ачивмент ученичка компанија ќе патува на Европски натпревар во Грција.