Делегација од Република Македонија, составена од претставници на Бирото за развој на образованието и Министерството за образование и наука, предводена од директорката на Бирото, м-р Милка Тримчевска, учествуваше на регионалниот состанок „Lions Quest програми – изградба на побезбедни училишта преку континуирана примена на превентивни програми“, што се одржа на 15 и 16 септември 2025 година во хотелот Термаг, Јахорина, Босна и Херцеговина.
Во нашата држава ќе се реализира една од трите превентивни програми – „Вештини за адолесценција“, која ги обединува училиштата и заедницата во насока на градење способни, здрави и одговорни млади луѓе. Програмата е наменета за ученици на возраст од 10 до 14 години и ќе се реализира преку обуки за наставници, интерактивни работилници и практични активности.
Програмата „Вештини за адолесценција“ е научно базирана програма која поттикнува социо-емоционално учење, превенира насилство и злоупотреба на психоактивни супстанции и придонесува за градење на граѓанските вредности. Во наредниот период е предвидено пилотирање на програмата и проширување на активностите во поголем број училишта, како и јакнење на наставничките капацитети, со цел да се обезбеди долгорочно влијание и унапредување на воспитно-образовниот процес, во согласност со современите европски практики и меѓународните стандарди на СЗО и УНДОК за превенција.







