Завршна работилница на проектот „Квалитетно образование за сите – Северна Македонија“

На  7 мај 2025 година, во хотел „Александар Палас“ во Скопје, се одржа завршна работилница на проектот „Квалитетно образование за сите – Северна Македонија“, кој се имплементира од страна на Советот на Европа во соработка со Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието,  со финансиска поддршка на Владата на Сојузна Република Германија. Овој проект е посветен на подготовка на младите за живот во демократски општества, нагласувајќи ја важноста на поттикнувањето култура на демократија преку квалитетно образование.

Овој настан беше завршна активност на 25 пилот-училишта вклучени во проектот, кои изминатиот период активно работеа на унапредување на демократската култура, инклузивноста и активно учество на учениците во училишниот живот.

Меѓу низата активности, во рамките на проектот се реализираа и обуки за тимовите од пилот-училиштата. За таа цел, директорката на Бирото за развој на образованието, м-р Милка Тримчевска, на тимовие им додели сертификати за успешно завршената обука и благодарници за придонесот и активното учество во имплементацијата на активностите.

На настанот  се обратија: министерката за образование и наука, д-р Весна Јаневска, Неговата Екселенција Јан-Аксел Фос, заменик-амбасадор на Сојузна Република Германија, Весна Атанасова, раководителка на одделение во одделот за формално и неформално образование во Советот на Европа и Олег Солдатов, раководител на Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје.

Училишните проектни тимови ги претставија своите активности и резултати на посебно организирани штандови.

Оваа работилница овозможи размена на искуства, заемно учење и заедничка рефлексија на постигнатите резултати, со посебен акцент на препознавање на придонесот на училиштата кон поквалитетно, праведно и демократско образование.