|








 |
 |
Историјат
Формирање и надлежности на првиот Завод за унапредување и проучување на
школството (11 август 1955 година)
Првиот чекор за формирање завод за унапредување на образованието и
воспитувањето е направен во летото 1955 година. Поточно, на 11 август 1955
година со Решение на Извршниот совет на НР Македонија, бр. 214 (заради
започнување подготовки за реформата на школството на просторот на ФНР
Југославија), се формира Завод за унапредување и проучување на школството, за
вршење на просветно-педагошка служба во Н.Р. Македонија. Од овој датум Заводот
започнува да постои како буџетска установа под раководство и надзор на Советот
за просвета на НР Македонија. Споменатото Решение не е
спроведено
веднаш, туку по неопходните подготовки Заводот започнал да работи на 1 јануари
1956 година. Неговата главна надлежност е подготовката на материјали за реформа
на школството. Советот за просвета на НР Македонија согледал дека не е можно да
се прават реформи во образованието без солидна подготовка на учителите и нивно
постојано оспособување за исполнување на толку сложена и општествено значајна
работа.
Стручните работници во Заводот имале надлежности да присуствуваат на наставата,
да се грижат за учебното градиво, за негова оценка и да ги пренесуваат
теориските спознанија во наставната практика. Од самиот почеток на оваа дејност,
Заводот дава мислења и предлози за составување на наставните планови и
наставните програми и води постојана грижа за нивна примена во училиштата. За
исполнување на овие сложени цели се создаваат стручни тимови кои ги спроведуваат
промените во училиштата, предлагаат мерки за стручно подготвување на учителски
кадар, проучуваат и даваат предлози за обновување на постојните и за градење
нови училишни објекти.
Сепак, уште на самиот почеток е јасно дека во најважните надлежности на Заводот
спаѓаат подготовките за реформа на основното училиште, детските градинки и
реформа на средните стручни училишта. Во 1958 година е донесен Општиот закон за
школство (,,Службен лист ФНРЈ” број 28/58) со кој се воведува нова организација
на училишниот систем на подрачјето на цела ФНР Југославија, а републиките биле
должни, врз основа на тој закон, да подготват свои закони за одделни видови
училишта. За да се забрзаат подготовките за реформата на образованието во 1960
година, кога се создаваат неопходните претпоставки (организациони, општествени и
стручно-педагошки) донесен е Закон за просветно педагошката служба на НР
Македонија (,,Сл. весник на НРМ” број 16/60). Според овој закон се пристапува
кон реорганизација на Заводот за унапредување и проучување на школството. Тогаш
Заводот е преоснован во Републички завод за унапредување на школството и се
создава правна основа за формирање на другите заводи во Охрид, Битола, Прилеп,
Кавадарци, Титов Велес, Тетово, Берово, Струмица, Гостивар и Куманово. Овие
заводи за унапредување на школството се организирани пред си,
за вршење стручен надзор, а освен стручниот надзор извршуваат и други задачи од
областа на унапредувањето на образованието, како и надзор во извршувањето на
прописите во градинките, основните и средните училишта.
Во периодот по 60-те години, во Републичкиот завод се организирани повеќе
стручни групи.
-
за проучување во одделни воспитно-образовни подрачја;
-
за просветно педагошка служба за општото образование во основните и средните
училишта;
-
за школување и стручно образование на учителскиот кадар;
-
за педагошка документација во образованието;
-
општ сектор.
Од 60-те години
всушност започнува втората етапа во развојот на просветно-педагошката служба,
кога заводите за унапредување на школството (Републичкиот и оние на околиско или
општинско ниво) сеуште работеа во рамките на органите на управата со одредена
стручна автономност и компетентност.
Републичкиот завод за унапредување на школството од 60-те години започнува да се
развива како надлежен стручен орган во следните области:
проучување на проблеми во основното и средното образование и воспитание, со кои
посебно се става акцент на подготовките за реформата на школството;
изработување предлози на наставни планови и програми за воспитно-образовната
работа во градинките, основните и средните училишта;
подготовка на методски упатства за наставата, нормативи и стандарди (за кадар,
простор, опрема, наставни средства, учебници и др.);
вршење педагошки увид во изведувањето на наставата и советодавна работа со
учителите, наставниците и воспитувачите;
следење и анализирање на општите проблеми во остварувањето на наставните планови
и програми во предучилишното, основното и средното воспитание и образование; и
собирање и проучување на педагошка документација.
Со оглед на стручната и кадровската екипираност, Републичкиот завод уште од тој
период понагласено се определува за постојана редовна стручна и педагошка работа
со наставниците од гимназиите и средните стручни училишта. Во тој период,
можностите на општинските и регионалните заводи да даваат стручна помош на
стручните училишта и гимназиите се незначителни бидејќи во заводите немало
вработено соодветни стручни кадри за средните училишта. Освен тоа кога имало
потреба и Републичкиот завод дава стручна помош на наставниците од основните
училишта и градинките. Во основа, поголемиот број од стручните кадри во
локалните заводи за унапредување на школството, претежно, се ориентирани кон
следењето на работата и активностите на воспитувачите во градинките и
наставниците од основното воспитание и образование.
Важно е да се истакне дека во овој период не само Републичкиот завод, туку и
локалните заводи работат на издавањето стручни публикации, собирањето и
проучувањето на педагошката документација, исполнувајќи и низа други задачи кои
произлегуваа од нивните надлежности.
Напредок
и реорганизација на општинските заводи
Овде е
нужно да се потсетиме и за реорганизацијата на општинските заводи. Врз основа на
Законот за просветно-педагошка служба во 1965 година се формира Завод за
школство во Битола, кој територијално се поставува за градинките и училиштата во
Општините Битола, Крушево и Демир Хисар. Заводот во Битола е придружно одделение
на тогашниот ресорен орган на управата на општина Битола. Во периодот од 1965
до1974 година, во тој Завод имало девет просветни советници - тројца за
одделенска настава, шест за предметна настава, директор и педагог.
Заводот за школство во Титов Велес работи како самостојна служба од 1 јануари
1960 година. Стручните и управните работи ги вршеле седум просветни советници,
но уште во тоа време, за извршувањето на стручните задачи, Заводот се потпира и
на помошта од надворешни соработници, избрани од редот на истакнатите просветни
работници.
Заводот во Гостивар се формира во 1967 година. Стручните и управните работи ги
вршеле четворица просветни советници, а по 1967 година се вработуваат уште
четворица просветни советници од македонска, албанска и турска националност.
Заводот во Кавадарци, во периодот по 1960 година, работи во рамките на Заводот
за школство во Титов Велес. За општината Кавадарци има вработено двајца
просветни советници, а подоцна се вработуваат уште четворица.
Заводот во Кочани, всушност, произлегува од Заводот во Берово, кој што е
формиран на 21.01.1966 година со договор меѓу општините Виница, Делчево и
Кочани. Тогаш, се вработуваат четворица просветни советници, по еден за
општините Берово, Виница, Делчево и Кочани со еден директор на Заводот. Во
новоформираниот Завод се преземени уште четворица просветни советници од
околискиот завод во Штип.
Во Куманово, во 1962 година, е извршена реорганизација на Заводот за школство,
којшто постои уште од 1958 година како посебна управна установа. Во 1962 година,
Заводот во Куманово има десет просветни советници и уште двајца просветни
советници за одделенска настава за Крива Паланка и Кратово.
Во Охрид, по донесувањето на Законот за просветно-педагошка служба, продолжува
да работи Заводот за школство, а општините Струга, Ресен, Дебар, Кичево и
Македонски Брод ги користат неговите услуги. Во 1966 година, во Заводот има 13
просветни советници, а освен нив се ангажираат и надворешни соработници, како за
основното, така и за средното образование. Заедничкиот завод во Охрид работи сè
до 1974 година.
Заводот за школство во Прилеп официјално ја започнува својата работа во 1961
година со девет просветни советници, од кои еден директор, четворица советници
за одделенска и четворица советници за предметна настава. Во 1970 година, во
Заводот веќе има 13 просветни советници.
Заводот во Скопје, како меѓуопштински завод, постои уште од 1945 година во
состав на ресорниот орган на управата на Околискиот народен одбор, односно на
Собранието на Град Скопје.
Врз основа на Законот за просветно педагошка служба од 1960 година, во 1965
година е формиран Општинскиот завод за школство во Струмица и во перидот од 1958
до 1974 година има вработено осум просветни советници.
Заводот за школство во Тетово е формиран во 1955 година како инспекциска служба
за образованието во тетовската околија (за општините Тетово и Гостивар).
Започнува да работи со шест просветни советници и еден директор, а во 1958
година има девет просветни советници. Оваа инспекциска служба функционира сè до
1968 година. Од 1969 година работи како стручна педагошка служба за општината
Тетово во рамките на самоуправната интересна заедница за образованието со шест
просветни советници.
Заводот за унапредување на школството како самостојна стручна институција
Втората
етапа во развојот на просветно-педагошката дејност за унапредување на
воспитно-образовната работа на училиштата и градинките започнува по 1974 година,
кога Собранието на Република Македонија го донесе Законот за организирање
дејност за унапредување на образованието и воспитанието (,,Сл. весник на СРМ”
бр. 17/74). Со Законот се создаде правна основа за организирање поквалитетна
просветно-педагошка служба за проучување и анализирање на педагошката практика
на наставниците и училиштата во Република Македонија и да се пренесуваат и
применуваат позитивните искуства во областа на образованието и воспитанието не
само од нашата туку и од другите земји. Овој закон е посебно значаен бидејќи
дава можност дејноста на заводите да се планира поавтономно, и да се остварува и
меѓусебна соработка во вршењето на надлежностите меѓу Републичкиот завод и
општинските заводи.
Тогаш, поранешниот
Републички завод за унапредување на школството се организира како Републички
завод за унапредување на образованието и воспитанието. Неговите надлежности се:
- следење, проучување, развивање и унапредување на системот и организацијата на
образованието и воспитанието;
- да изработува предлози на основите на наставните планови и програми за
предучилишно, основно и средно образование и воспитание;
- да води грижа за остварувањето на наставните планови и програми во практиката
на училиштата и градинките и да ги проучува условите за нивно остварување;
- да изработува методски упатства, нормативи и стандарди (за наставниот кадар,
просторот, опремата, учебниците и др.);
- да ги следи и проучува учебниците, прирачниците и другите наставни средства и
да дава предлози за нивна примена и усовршување;
- да врши педагошки увид во наставата и воспитната работа и да укажува стручна
помош за поуспешно остварување на целите на воспитанието и образованието;
- да врши експериментална проверка на новите содржини, методи, форми и средства
за воспитно-образовната работа;
- следење и унапредување на системот на оценување и напредување на учениците;
- следење и проучување на педагошката теорија и практика заради унапредување на
образовната технологија и воведување на иновации во методите, облиците и
средствата за изведување на наставата и воспитно-образовната работа;
- разработување и осовременување на системот за усовршување на кадрите во
детските јасли, градинките, училиштата и ученичките домови;
- проучување на системот за вреднување на образовната и воспитната работа и
непосредното вреднување на резултатите на градинките и училиштата како основа за
добивање доход и негова распределба;
- информирање и издавачка дејност за унапредување и развој на образованието и
воспитанието.
Според Законот, треба да се нагласи дека редовна дејност на заводот е да врши
педагошки увид во наставата и воспитната работа, да укажува стручна помош и да
дава предлози за остварување на наставните планови и програми во градинките,
училиштата и програмите за воспитната работа во ученичките домови.
Во организационен поглед, Заводот има одделенија за:
- општи педагошки прашања на предучилишното и основното образование и
воспитание;
- општи педагошки прашања на средното образование и воспитание;
- унапредување на образованието и воспитувањето по одделни наставни дисциплини и
воспитно-образовни подрачја;
- истражување и развој на образованието и воспитанието, како и
- одделение за општи работи.
За прашањата од посебно стручно значење според тогашната организација на Заводот
на директорот на Републичкиот завод за унапредување на образованието и
воспитанието му помагаат помошник на директорот и стручен колегиум кој работи во
поширок и потесен состав.
Стручниот колегиум во поширок состав, особено:
- предлага перспективна програма за работа и развивање на Заводот;
- го разгледува работењето на одделенијата во Заводот;
- дава предлози на органите на управување во Заводот за преземање стручни
активности со кои се придоенсува кон поуспешното остварување на
воспитно-образовната работа во градинките и училиштата;
- определува рецензентски комисии за давање стручни рецензии на стручните
работници што конкурираат во изборни звања - самостојни педагошки советници,
педагошки советници и стручни соработници за вршење на стручните работи на
Заводот;
- предлага избор на стручни работници во изборни звања и сл.
Стручниот колегиум во поширок состав го сочинуваат директорот, помошникот на
директорот, раководителите на одделенијата и стручните работници на Заводот.
Во овој период, согласно со Законот од 1974 година, стручните работници на
Заводот се избираат на јавен конкурс во следните стручни звања: самостоен
педагошки советник, педагошки советник и стручен соработник според посебни
критериуми. Освен тоа има предвидени критериуми и постапки за вршење преизбор на
самостојните педагошки советници (еднаш по истекот на пет години, а на
педагошките советници и стручните соработници по истекот на секоја четврта
година).
Врз основа на постигнатите резултати, периодот од 1974 година па се до
деведесеттите години со право може да се одбележи како време во кое доаѓа до
поголем израз стручната одговорност и компетентност на Заводот и неговата
функција во развојот на образовниот систем.
Таа стручна компетентност, самостојност и одговорност во Заводот посебно доаѓа
до израз во редовното вршење на педагошките увиди во остварувањето на
воспитно-образовната работа во градинките, училиштата, ученичките домови. На тој
начин редовно и систематски се прибираа и систематизираа сознанија како се
остваруваат наставните планови и програмите, целите и задачите на образованието
и воспитанието во градинките, училиштата и ученичките домови и тие сознанија се
користат за иновирање и осовременување на плановите и програмите за
воспитно-образовната работа. Исто така, преку редовните педагошки увиди се
согледува како се шират иновациите во воспитно-образовниот процес. Заводот
поттикнува осовременување, истражува и проектно воведува нови методи во
наставата, дава предлози да се осовременува организацијата на животот и работата
во градинките и училиштата, го оспособува воспитно-образовниот кадар за
подемократичен приод кон личноста на ученикот, за отварањето на
воспитно-образовните институции кон локалната средина и сл.
За наодите од увидите стручните работници на Заводот ги известуваат органите на
управувањето на училиштата, градинките и ученичките домови, како и надлежните
органи за образованието во општините и Републиката. Стручните работници на
Заводот се задолжени за наодите од увидите да ги известат и наставниците,
воспитувачите и другите учесници во воспитно-образовната работа. Притоа, низ
стручните консултации и совети, дискусии и сл. покрај оценките се става акцент и
врз современите научни, стручни и педагошки достигања во наставата и учењето.
Сета таа стручна и педагошка работа има цел да им помогне на наставниците и
воспитувачите за подобрување на резултатите во нивната работа.
Во овој период Заводот систематски работел и на проучување и истражување на
педагошки проблеми од наставната практика (осипување на учениците, соработка со
локалната средина и родителите, евалуација на наставните програми и сл.
Искуствата и традицијата во оваа дејност говорат дека, во периодот до 1990-та
година Републичкиот завод за унапредување на образованието и воспитанието и
општинските (меѓуопштинските) заводи се изградуваа и афирмираа како постојани и
неопходни соработници на градинките, основните училишта, гимназиите, стручните
училишта, наставничките факултети, институциите и могубројните други асоцијации
и институции од Републиката и на пошироките простори во југословенската заедница
и во други земји за развојот и унапредувањето на образовниот систем во Република
Македонија. Во тој период особено се евидентни постигањата на учениците и
наставниците во образованието и воспитанието.
Подем на
општинските и меѓуопштинските заводи за унапредување на предучилишното и
основното воспитание и образование
Во
периодот од 1974 до 1990 година треба да се истакне и улогата на општинските и
меѓуопштинските заводи. Така, Заводот во Битола се развива во самостојна стручна
институција која е надлежна за работата на воспитно-образовните установи од
подрачјата на општините Битола, Демир Хисар, Ресен и Крушево.
Стручниот колегиум на Заводот го сочинуваат 11 советници (директор, тројца
просветни советници за одделенска настава, шест просветни советници за предметна
настава - и еден советник - педагог).
Заводот ја насочува дејноста кон следење, анализирање и проучување на работата и
проблемите во воспитно-образовните установи, како и кон педагошкото, методското
и стручното усовршување на наставниот кадар. Програмата за работа ги опфаќа
следните подрачја.
- педагошко-инструктивна работа (тесностручни увиди, информативни посети на
училиштата, специјални педагошки увиди, анкетирање и тестирање);
- стручно-педагошко и методско усовршување на наставниот кадар;
- издавачка дејност и педагошка документација;
- собработка со локалната средина (стручни и општествено-политички органи и
организации и сл.).
Во наведениот период Заводот во Титов Велес има надлежности да работи врз
унапредувањето на воспитно-образовната работа во градинките и училиштата на
подрачјето на општините: Титов Велес, Кавадарци, Неготино, Гевгелија и
Валандово, а од 1975 до 1978 година на подрачјето на општините Титов Велес и
Свети Николе. Од 1978 до 1991 година, кога е извршено присоединување кон
Републичкиот завод, Заводот во Титов Велес работи како самостојна институција
само на подрачјето на општината Титов Велес. Негова основна задача е да ја
следи, проучува и анализира работата и да предлага мерки и да им укажува стручна
помош на наставниците, воспитувачите и раководните кадри на училиштата и
градинките.
Меѓу позначајните задачи на овој Завод е вршењето непосреден педагошки увид во
градинките и основните училишта. Со непосредниот педагошки увид се опфаќаше
организацијата и реализацијата на наставата и другите активности со учениците
(остварувањето на наставните планови и програми; примената на соодветни методи и
наставни средства; успехот и оценувањето на учениците; снабденоста на учениците
со учебници и нивното користење во наставната работа. Освен тоа Заводот работи
на стуручното, педагошко-психолошкото и методското усовршување на раководниот,
наставниот и воспитувачкиот кадар.
Во периодот од 1975 до 1987 година во Заводот во Гостивар се зголемува бројот на
педагошките советници. Врз основа на подоброто кадровско екипирање, по барање на
Општинското собрание на Дебар, уште во 1981 година, Заводот во Гостивар ја
проширува својата дејност и станува меѓуопштински завод за градинките Гостивар и
Дебар.
Заводот организира и остварува редовна стручна и педагошка помош на
воспитно-образовните кадри на градинките и училиштата, особено со:
- редовен педагошки увид за воспитно-образовната работа во училиштата (реално ги
оценува состојбите во кои работат училиштата, предлага мерки за решавање на
проблемите кои се јавувале од различни причини, како на пример, лоши просторни
услови, дотраеност на училишните објекти и инвентарот, повеќесменско работење,
недоволната опременост на училиштата со нагледни наставни средства и сл.);
- редовна стручна помош на училиштата во подготовките за почетокот на учебната
година;
- покренување иницијативи да се решаваат проблемите за обезбедување наставен
кадар; изготвување на годишните програми за работа на училиштата; планирање на
наставата и другите воннаставни активности во училиштата.
Заводот редовно ги разгледува проблемите со осипувањето на учениците и предлага
мерки за нивно надминување, го анализира успехот на учениците и училиштата и
помага за неговото подобрување. Освен тоа, изградува стручни, педагошки постапки
за вреднување на работата на училиштата, како и вреднување на знаењата на
учениците по наставни предмети.
Во 1974 година, со донесувањето на Законот за организирање на дејноста за
унапредување на образованието и воспитанието, во Кавадарци се формира Завод за
унапредување на предучилишното и основното образование и воспитание за општините
Кавадарци, Неготино и Гевгелија.
Во зависност од развиеноста на мрежата на воспитно-образовните институции, се
вработуваат пет стручни работници од трите општини.
За стручните работници од Неготино и Гевгелија, уште со конституирањето на
Заводот, биле обезбедени соодветни просторни и други услови во Неготино, односно
Гевгелија.
Основните надлежности на Заводот во Кавадарци се однесуваат за редовното следење
на воспитно-образовната работа во градинките и училиштата на подрачјето на трите
општини. За оваа цел повремено се ангажираат и надворешни соработници од
истакнатите просветни работници.
Во 1974 година, Заводот за унапредување на предучилишното и основното
образование во Кочани повторно ги презема надлежностите за унапредување на
воспитно-образовната работа во градинките и училиштата во општините Кочани,
Виница, Берово и Делчево. Покрај постојните, во Заводот се вработуваат нови 18
стручни работници. Вака екипиран, Заводот дава значајни резултати во областа на
образованието.
Во 1974 година и Заводот во Куманово се преименува во Завод за унапредување на
предучилишното и основното образование и воспитание и како таков делува сè до
1990 година. Во овој период, во Заводот се вработуваат уште пет нови стручни
работници. Покрај нив, во вршењето на надлежностите за унапредување на
образованието и воспитанието се вклучуваа и многу надворешни соработници од
училиштата, научни и стручни работници од вишите школи, факултетите и од други
стручни институции.
Поради големиот број неквалификувани и несоодветни наставници кои изведуваа
настава во основните и во средните училишта. Заводот понагласено се ангажира за
следењето и унапредувањето на наставата. Советниците и надворешните соработници
на Заводот вршеа најмалку по еден непосреден педагошки увид во текот на првото
полугодие, секоја учебна година, со цел да им помогнат на наставниците да се
упатат за правилно изведување на наставата и другите активнсоти на учениците.
Помошта била од особена корист посебно за новите наставници почетници и за оние
кои немале соодветна методско-педагошка подготовка.
По извршените увиди, советниците воделе индивидуални консултации со
наставниците, а потоа се одржувале и заеднички состаноци со работните колективи
на кои се изнесувале впечатоците и се разгледувале актуелните проблеми од
животот и работата на учениците во училиштата. Потоа се изготвувале целосни
извештаи од наодите од педагошките увиди.
Секоја година за време на зимскиот распуст, но и во други периоди од годината,
за стручно усовршување на наставниот кадар, Заводот организирал семинари на кои
како предавачи, покрај советниците од Заводот, земаа учество и истакнати
педагози и методичари.
Овој завод даде своевиден поттик за утврдување на методологија за вреднување на
воспитно-образовната работа во основните училишта од општината Куманово. За оваа
своја работа Заводот добива признание не само од Републиката, туку и пошироко во
рамките на тогашната СФРЈ.
Заводот во Охрид, по 1974 година, доби ингеренции да врши дејност за
унапредување на предучилишното и основното образование и воспитание на
подрачјето од општините Охрид, Струга и Кичево. Наредната година, Заводот се
екипира и во него работат 13 стручни работници - советници во различни звања, од
кои осум со високо и пет со више образование. Програмираните задачи, Заводот ги
остварува низ повеќе облици на делување, како што се:
- непосредни педагошки увиди; организирање семинари, советувања, консултативни
состаноци и образовни трибини и сл. за стручно и методско-педагошко усовршување
на наставниот и раководниот кадар на училиштата; следење, проучување, испитување
и анализирање на одделни воспитно-образовни проблеми и прашања;
- вреднување на воспитно-образовните резултати во училиштата и со други форми на
дејствување.
Посебно треба да се одбележи реализацијата на задачата што ја покрена Заводот за
вреднување на резултатите од воспитно-образовната работа на основните училишта
во периодот по 1976 година во општините Охрид, Струга и Кичево. Со вреднувањето
беа опфатени: планирањето на воспитно-образовната работа во училиштата,
реализацијата на наставните планови и програми по подрачја и постигнатиот успех
од наставата по одделни наставни предмети. Покрај другите инструменти за
вреднување на воспитно-образовната работа во која учествуваа и одделни училишта
по принципот на самовреднување, се применува и тестирање на ученичките знаења за
повеќе наставни предмети.
Заводот во Прилеп е надлежен за унапредување на предучилишното и задолжителното
основно образование и воспитание на подрачјето на општините Прилеп, Крушево и
Македонски Брод. Во периодот по 1974 година Заводот продолжува да се екипира со
стручни работници така што до 1991 година, кога престанува неговата самостојна
дејност, во Заводот работат 17 стручни работници, од кои 12 со високо
образование и пет со виша стручна подготовка.
Заводот редовно работи врз поттикнувањето и подготвувањето на училиштата за
посмело воведување иновации во наставата, перманентно и оперативно стручно и
методско-педагошко усовршување на наставниот и раководниот кадар, редовно
следење на реализацијата на наставните планови и програми и осовременување на
одделни наставни содржини и подрачја во наставата.
Со непосредните увиди во наставата се следи дали се остваруваат редовно
наставните планови и програмите по наставни предмети и подрачја, колку се
застапени другите активности вон наставата во основното училиште, во која мера
се применуваат современи наставни методи и форми во наставната работа и сл. Во
работата на Заводот се користат инструменти за прибирање податоци за состојбите
и проблемите што се следат и проучуваат, а се изготвуваат и стручни материјали
за наставата во училиштата.
По 1974 година, Заводот во Скопје прерасна во стручна институција за следење,
анализирање, проучување, вреднување и унапредување на дејноста во предучилишното
и основното воспитание и образование, специјалното основно образование и
основното образование на возрасните на подрачјето на Градот Скопје за општините
Центар, Гази Баба, Карпош, Чаир и Кисела Вода. Организационата поставеност на
Заводот е сообразена на специфичноста на неговата дејност. Заводот работи како
единствена институција која внатрешно е организирана по одделенија за
предучилишно воспитание, одделенска настава, предметна настава, специјално
основно образование, основно образование на возрасните и за истражувачка
дејност.
Во 1974 година, во Заводот има 17 стручни работници, од кои еден стручен
работник за предучилишно воспитание, шест за одделенска настава на сите наставни
јазици, осум стручни работници за предметна настава, еден стручен работник за
основно образование на возрасните и двајца стручни работници во истражувачкото
одделение (еден педагог и еден психолог). Во наредните години се јавува потреба
да се обезбеди стручен кадар по сите наставни предмети од редот на истакнатите
наставници и воспитувачи. Така, во 1980 година, се вработуваат уште девет
стручни работници по предметна настава.
Работата на Заводот ги опфаќа следните видови: непосреден педагошки увид (секој
стручен работник годишно планира да изврши увид кај 120 наставници); обработка
на проблеми врз основа на теориските спознанија и од согледувањата направени при
педагошките увиди; организирање советувања или семинари во врска со актуелни
проблеми и за примената на нови наставни програми; вреднувањето на резултатите
на основните училишта; колективни увиди во основните училишта (по два во секоја
општина) во договор со ресорните органи на управата од општините и Градот
Скопје.
Истражувачкото одделение, во соработка со другите советници, во овој период
обработува повеќе проблеми поврзани со организацијата и ефикасноста на
продолжениот престој; оптовареноста на учениците; календарската возраст и
успехот на учениците во основното образование; успехот на учениците во основното
училиште и во први клас на средното образование; видот на образованието на
наставниците од одделенска настава и ефикасноста во нивната работа; осипување на
учениците и низа други прашања.
Во 1976 година, Заводот во Струмица доби надлежности да работи врз
унапредувањето на предучилишното и основното образование и воспитание за
општините Струмица и Валандово. Тогаш се вработени пет стручни работници. Во
истата 1976 година и во наредните години во Заводот се вработуваат уште девет
стручни работници.
Основната дејност на Заводот е насочена кон вршењето педагошки увиди
(индивидуални, тимски и општи) во училиштата и градинките во општините Струмица
и Валандово, индивидуални увиди во работата на наставниците се вршеа еднаш во
првото и еднаш во второто полугодие во секоја учебна година, додека, пак,
општите увиди се организираа за секое училиште на пет години (тимските увиди се
реализирани во помал број). По извршените увиди се вршени консултации со
наставниците и за секој увид е изготвуван писмен извештај.
Дејноста на Заводот се реализира и низ организирање советувања и семинари за
стручно оспособување на наставниците по одделенска и предметна настава. На
семинарите се посебно се обработуваа прашања во врска со новоиздадените учебници
по математика и по другите предмети.
Заводот организира и спроведува вреднување на постигањата на училиштата во
воспитно-образовната работа во периодот по 1983 година.
Во 1975 година се реорганизира и Заводот во Тетово како стручна институција со
целосна одговорност и надлежност за вршење на следниве работи: следење,
анализирање и проучување на работењето на преучилишните установи и основните
училишта; предлагање мерки за унапредување на воспитно-образовната работа и
укажување стручна помош на наставниците, воспитувачите и на стручните работници
во градинките и училиштата; вршење педагошки увиди во основните училишта и
предучилишните установи; и професионално издигнување на наставниот кадар.
Заводот претходно е формиран со пет самостојни советници, кои претставувале
услов за неговото формирање, а потоа се вработуваат и други стручни соработници
и педагошки советници, така што во 1982 година во Заводот има 11 стручни
работници.
Заводот дава посебен придонес кон примената на современите наставни средства кои
дотогаш биле непознати. Во наставната практика покренува разновидни иновации на
методите и формите и нив ги доближува до наставниците и воспитувачите преку
организирање семинари и советувања, симпозиуми, педагошки трибини и други
стручни активности.
Во овој период Заводот има и инструктивна улога: дава упатства, насоки, предлози
и конкретна стручна помош за поуспешна работа на директорите на училиштата,
педагошката служба, наставниците и воспитувачите. Освен тоа, Заводот работи и
врз изготвувањето програми, извештаи, осврти, информации за надлежните органи на
општината, училиштата, како и за Републичкиот завод и самоуправните интересни
заедници на образованието.
Во дејноста на Заводот во Штип, непосредно по укинувањето на Околискиот завод за
школство, останува надлежноста за градинките и училиштата од општините Штип,
Пробиштип, Радовиш и Свети Николе. Подоцна училиштата од Општина Свети Николе се
пренасочуваат кон Заводот во Куманово. Во 1976/77 година, Заводот во Штип е
надлежен за градинките и основните училишта од општините Штип, Пробиштип и
Радовиш.
На почетокот, Заводот има осум стручни работници, додека во 1982 година бројот
на вработените се зголемува на 12 стручни работници. Стручните работници во
Заводот во Штип работеа на унапредувањето на наставата и педагошките увиди за
следните наставни предмети: биологија, македонски јазик, странски јазици,
хемија, математика, физика, историја и географија, додека за одделенска настава
за секоја општина имаше по еден стручен работник. Освен нив по еден стручен
работник во секоја од трите општини се грижи и за предучилишното образование и
воспитание. За следење на наставата по другите предмети (ликовно, физичко и
музичко образование и ОТП) се ангажираа надворешни соработници.
Заводот редовно работи и на стручното и педагошкото усовршување на
воспитувачите, наставниците и раководните кадри на училиштата и градинките.
Развој на БРО во периодот од 1990 до 2005 година
Во периодот по 1990 година, заводите за унапредување на образованието и
воспитанието ја минуваат најтешката етапа од нивниот развој. Меѓутоа токму во
овој период по изминатите петнаесет години се покажа дека е крајно време таквата
состојба да се надмине.
Овој период, започна на 01.04.1991 година, кога со Законот за организацијата и
работата на органите на државната управа (,,Сл. весник на РМ” бр. 40/1990),
дотогашните дванаесет општински и меѓуопштински заводи и Републичкиот завод за
унапредување на образованието и воспитанието се споени во една институција и е
формиран Педагошкиот завод на Македонија. Со оваа трансформација е забавен
солидниот развоен пат на дејноста за унапредување на образованието и
воспитанието во предуниверзитетското образование во Република Македонија. Уште
подрастични се промените во оваа дејност кои се произлезени од Законот за
организацијата и работата на органите на државната управа од 2000 година (,,Сл.
весник на РМ” бр. 58/2000 година) кога Педагошкиот завод на Македонија
продолжува да работи како Биро за развој на образованието, орган во состав на
Министерството за образование и наука со својство на правно лице.
Со оглед на актуелноста на овој проблем, како илустрација ќе прикажеме само
некои позначајни аспекти на состојбите во кои се најде Педагошкиот завод и со
кои, сèуште, се судрува Бирото за развој на образованието.
1. Со трансформацијата од самостојна стручна организација во орган на управата
во својство на правно лице во состав на Министерството за образование и физичка
култура, односно Министерството за образование и наука, Заводот стана орган на
управата иако сè што работи има стручно-научен карактер и е неспоиво со
управните ингеренции.
2. Со укинувањето на Законот за организирањето на дејноста за унапредување на
образованието и воспитувањето, според кој работеа поранешните заводи, дејноста
на Бирото за развој на образованието не е целосно дефинирана. Одделни аспекти се
уредени со правилниците за организацијата и систематизацијата на работите во
Министерството за образование и физичка култура, додека во Законот за органите
на управата не се регулирани прецизно ингеренциите на Бирото за развој на
образованието.
3. Укинувањето на споменатиот Закон значеше и промена на статусот на стручните
работници во Заводот. Од стручни работници во реизборни звања утврдени со Закон,
тие станаа државни службеници во орган на управата, и тоа не само формално, туку
и од аспект на напредувањето, усовршувањето, наградувањето, хиерархиските односи
и слично.
4. Измените во статусот и во начинот на финансирањето на Бирото за развој на
образованието условија намалување на платите на стручните работници без оглед на
тоа што тие добиваат и нови посложени и поодговорни задачи (на пример, во
градењето на системот на предучилишното, основното и средното образование).
5. Одлуките на Владата на Република Македонија за рационализација на органите на
управата беа главните и непосредните причини само во 1991 година од Заводот да
заминат 67 работници (од кои 56 стручни работници) во предвремена пензија или во
други работни организации.
|