Концепциски и програмски документи

 

Образование на возрасни


Основно образование на возрасните
Правото на учење, според опшата декларација за човекови права на Обединетите нации е едно од
темелните човекови права. Затоа може да се каже дека образованието не е генерациска привилегија и монопол само на младите. Секоја демократска држава мора да обезбеди еднаков пристап до образование на сите. Образованието и учењето се целоживотен и доживотен процес.
Образованието на возрасните е клучен инструмент за социјална трансформација на општеството, клучна сила на демократизацијата и развојот на граѓанското општество, основен елемент на економскиот развој, мобилност на работната сила, средство за интеграција во меѓународните економски текови.

Досегашни искуства
Нашата држава има повеќедецениско институционално образование на возрасните, кое речиси секогаш се наоѓаше на маргините на општеството. Во нашиот воспитно-образовен систем имаме постојани иновирања, реиновирања, ревидирање на наставните планови и програми со цел да обезбедиме поквалитетно образование и негова компатибилност со европските образовни системи. Но, тоа паралелно не се случуваше и во образованието на возрасните.
Во последниве три децении во Република Македонија, основното образование на возрасните се остварува според Наставен план и програми изготвени во 1977 година, а ревидирани во 1990 година. Овие програмски документи во однос на целите, задачите, организациската структурираност на подрачјата и содржинската застапеност на наставните предмети не соодветствуваат на новите општествено-економски и социјални услови на Република Македонија и новите европски трендови.
Постоечкиот наставен план е единствен за сите посетители над 15 годишна возраст. Тој не е доволно прилагоден на психо-социјалните особености на возрасниот, нивното животно и работно искуство, според кои возрасниот човек се изедначува со детето при што не се задоволуваат неговите основни образовни потреби. Треба да се има во вид дека возрасниот човек за разлика од адолесцентите е преокупиран со бројни животни проблеми, поседува определено животно и работно искуство, работно е ангажиран, има семејни обврски, а мотивираноста за учење е на ниско ниво. Возрасниот посетител има потреба стекнатите знаења, вештини и способности веднаш да ги примени во реалноста, самостојно да учествува во изборот на содржините кои сака да ги усвои со цел да ги задоволи своите духовни, општествени, културни, интелектуални и материјални потреби.

Нова концепција за основното образование на возрасните
Имајќи ги во предвид сите слабости и недостатоци во наставниот план и програмите, Бирото за развој на образованието изготви нова Концепција за основното образование на возрасните која се темели врз определбите содржани во Уставот на Република Македонија, Законот за основно образование, програмската структура на основното образование, анализите за развојот на основното образование на возрасните во Република Македонија. При неговото конципирање почитувани се решени­јата за образованието на возрасните и тенденциите од многу земји во Европа. Во изминатиов период образованието на возрасните се сведуваше само на елиминирање или намалување на неписменоста и другите образовни дефицити настанати во младоста.
Со новата Концепција се прошируваат функциите на основното образование на возрасните како што се:
темелно оспособување на возрасните (описменување и дооформување на основното образование) и стекнување на професионални квалификации (прво занимање);
  прилагодување на возрасниот кон новите барања на животот;
  постепено збогатување на творечките способности на возрасниот и неговиот духовен свет;
  индивидуално напредување на возрасниот како во личниот така и во општествениот живот и стекнување подобар статус во семејството и заедницата;
  стекнување на нови знаења, вештини, вредности, ставови, навики за успешно соочување со новите барања кои се резултат на научниот, технолошкиот, општествениот, политичкиот и културниот развој.

Основните принципи врз кои се заснова новата Концепција се:задолжителност на основното образование на возрасните; бесплатно квалитетно основно образование и воспитание, еднаквост и демократичност, односно образованието е фудаментално човеково право и основа за остварување на сите други лични и социјални права, стекнување на практични знаења и нивна брза примена во секојдневнио живот или оспособување на посетителите самостојно да доаѓаат до потребните извори на информации, податоци или начини на решавање на проблемите. Секој возрасен посетител доброволно се вклучува во основното образование на возрасните и секогаш може да продолжи онаму каде што застанал со своето образование.
Со новата Концепција се нудат три модели на наставни палнови.Два за редовната настава и еден за подготвителна. Првиот модел на наставен план е за адолесценти од 15 до 24-годишна возраст за редовна настава. Овој модел на наставен план по својата структурираност е најблизок до наставниот план за редовно задолжително основно образование на младите. Неговата посебност се состои во времетраењето. Основното образование на младите трае осум учебни години, а кај адолесцентите од 15 до 24 години и возрасните посетители над 24 години, трае четири образовни години, односно за една учебна година се завршуваат две одделенија (образовни циклуси) или секој образовен циклус трае 18 работни недели.
Моделот на наставен план за адолесценти од 15 до 24 години за редовна настава е составен од три глобални наставни подрачја: задолжителна, изборна и факултативна настава.
Во задолжителната настава опфатени се наставни предмети и четири програмски целини (музичка, ликовна физичка и техничка), кои се неопходни за целокупниот развој на личноста, неговата социјализација, еманципација и адаптација кои ќе му овозможат на возрасниот успешна комуникација со другите, активно учество во граѓанското општество, продолжување на образованието и оспособување за самообразование и учење.

Во задолжителното подрачје има вградено три новини:
првата се однесува на предметот природа и општество кој не се изучува како посебен предмет туку неговите содржини ќе се имплементираат во други сродни предмети;
втората новина е задолжително изучување на еден од светските јазици;
третата новина, се четирите програмски целини од областа на музичката, ликовната, физичката и техничката култура, од кои посетителот има право да избира која програмска целина ќе ја изучува.

Изборната
настава ја сочинуваат пакет курсеви за практич на работа со кои посетителите ќе можат да се оспособат за работа, ќе се стекнат со практични знаења потребни за секојдневниот живот, задоволување на личните потреби и потребите на општествената заедница.
Овие курсеви исто така треба да бидат во функција на образованието за занимање кога возрасните посетители паралелно со посетувањето на седмиот и осмиот образовен циклус или IV образовна година во основното образование можат да се стекнат и со стручна оспособеност. Курсевите во училиштата ќе се организираат во зависност од интересите на посетителите и потребите на локалната самоуправа во соработка со здруженија, приватни занетчии, агенции за вработување, невладини асоцијации, средни стручни училишта.
Можат со овие курсеви да се опфатат и содржини од програмите по кои посетителите ќе полагаат испит за стручна оспсобеност за вршење на поедностави занимања (домаќинство, земјоделство, лозарство, сточарство, работа со компјутер, трговинско работење и тн).
Факултативната настава опфаќа програми кои се задолжителни за училиштето а посетителот доброволно се определува во нив. Како факултативни предмети се изучуваат, ромскиот, влашкиот и српскиот јазик.
Вториот модел на наставен план за основно образование на возрасните е над 24 години за редовна настава. По својата структурираност е сличен на моделот за адолесценти од 15 до 24 години, но, со намален фонд на часови, како по наставни предмети, така и по однос на вкупниот фонд на часа во текот на образовната година (образовен циклус) и седмично. Оваа измена се должи на сознанијата дека возрасните ги карактеризираат специфични потреби а воедно нивното живото и работно искуство е богато и разновидно и условува поинаков модел на наставен план.
Посебноста на овој наставен план се состои во определбата светскиот јазик да се изучува факултативно, а не задолжително и овозможува стекнување на елементарни знаења. Исто така, ромскиот, влашкиот и српскиот јазик, возрасните ги изучуваат факултативно.
Третиот модел на наставен план за основно образование на возрасни е преку подготвителна настава. Со него треба да се надминат некои проблеми кои произлегуваат од организацијата, реализацијата а исто така и од потребите и желбите на возрасните да се образуваат преку оваа форма и да постигнат повисоки образовни резултати.
Овој наставен план е наменет за оние посетители кои имаат елементарни предзнаења, оспособени се за самообразование, вработени се или имаат друга обврска и не се во можност да следат редовна настава.
Со трите наставни планови се обезбедува флексибилен приод, анимирање на поголем број посетители, развивање на потребата од постојано и стручно усовршување и осовременување на основното образование на возрасните.
Новата концепција нуди базични начела и ставови за идната организација и реализација на основното образование на возрасните. Како документ, таа бара донесување на низа нови други документи со кои ќе се операционализираат понудените решенија.


 

 

 



 
 
2006 (c) - Биро за развој на образованието