Најзначајните надлежности на Бирото за развој на образованието кои се уредуваат со Законот за неговата дејност:

1. Утврдување на потребите за развој на воспитно-образовниот систем, како и потребите за развој на наставните планови и програми.
Бирото изготвува и предлага наставни планови, покренува иницијативи за изработка на наставни програми, ги преиспитува постојните наставни планови и програми, врши избор на квалитетни научни и стручни институции и кадри за изработка на нови наставни програми по пат на отворен повик според утврдени критериуми и цели, ја организира и следи работата за квалитетна изработка на наставните програми, врши нивна промоција и дава дидактички насоки за примена на наставните планови и програми. За успешно развивање на наставните планови и програми, во рамките на своите надлежности, Бирото редовно ја следи нивната примена во градинките и училиштата.

2. Утврдување на потребите за професионален развој на воспитно-образовниот и раководниот кадар.

Овде се подразбираат стручните и научните активности почнувајќи од: организирањето тематски дискусии за стручното и педагошкото усовршување на воспитно-образовниот кадар, изработка на долгорочен и годишен план, изборот на институции, научни и стручни кадри кои ќе се ангажираат во извршувањето на обуката на воспитно-образовниот и раководниот кадар (според утврдени цели и критериуми по пат на јавен оглас), и евалвација на програмите за обука на кадрите во воспитно-образовните установи во соработка со Државниот просветен инспекторат. Во оваа област, Бирото добива надлежности да доставува информации за констатираните согледувања во врска со професионалниот развој на воспитно-образовниот и раководниот кадар до училиштата и до други установи во нашата земја.

3. Истражувањата во областа на образованието
Бирото е надлежно да организира стручни и научни дискусии, да изготвува програми за истражување на актуелни проблеми и теми, да изработува стратегии за развојот на образованието и воспитанието, да иницира доставување предлози за истражувања во образованието од страна на високообразовните и научните установи и училиштата, па сè до избирање на институции, стручни и научни кадри по пат на отворен повик според утврдени цели и критериуми за организирање фундаментални истражувања во образованието. Негова надлежност е да ги поттикнува образовните институции за примена на резултатите од истражувањата во наставата и другата воспитно-образовна работа во градинките, училиштата, ученичките домови и сл.

4. Редовна советодавна стручна помош на училиштата за промените во системот на восптанието и образованието, самоевалвацијата на училиштата, изработката на развојните планови, утврдувањето стандарди за менторскиот систем на воспитно-образовниот кадар, до редовна советодавна стручна работа за наставниците и воспитувачите во врска со наставата по општообразовните предмети и наставни подрачја, како и за следење, проверување и оценување на учениците. Во овој поглед посебно се нагласува соработката на Бирото со органите на општината и на Градот Скопје за подобрување на квалитетот на наставата.

5. Изработување образовни стандарди и стандарди на постигањата на учениците, како и за спроведување активности за вреднување на постигањата на учениците. Во овој делокруг на задачи се подразбира, меѓу другото, и организирање стручни семинари, советувања, соработка со стручните тимови за дефинирање на образовните стандарди, давање стручна помош на училиштата за примена на образовните стандарди за оценување на учениците, развивање дидактички начини и постапки за следење, проверување и оценување на постигањата на учениците, учество во организирањето и спроведувањето на државната матура и други екстерни испити, како и за истражувања за оценувањето на учениците во образованието.

6. Изработување концепција за учебници за основното и за средното образование, методологија за вреднување на ракописи и квалитет на учебници и предлага програми за издавање учебници за предучилишното, основното и средното образование. Надлежностите на Бирото се однесуваат и до перманентното следење на квалитетот на учебниците, детските списанија и дополнителната литература од областа на воспитанието и образованието што е во негова надлежност. Бирото е надлежно да дава мислења за усогласеноста на ракописите за учебници со концепцијата за учебник и со наставните планови и програми како и мислења за стручна литература, списанија и публикации кои треба да имаат придонес кон развојот на воспитанието и образованието. Со сето тоа очигледно е дека се подигнува одговорноста на Бирото за квалитетот на учебниците и другата литература во училиштата во Република Македонија.

7. Издавачката дејност поврзана со воспитно-образовната работа
Бирото за развој на образование ги издава наставни планови и програми, прирачници и друга прирачна литература за воспитувачите, наставниците и стручните соработници, предлага обрасци за педагошка евиденција и документација, издава педагошка документација и евиденција за основното образование, како и главна книга и дневник на паралелката за средното образование и истите да ги доставува бесплатно до училиштата. Бирото издава списание за прашања од теоријата и практиката на воспитанието и образованието, промотивни материјали за актуелности во воспитанието и образованието, каталози за програмите за обука на воспитно-образовниот кадар, каталози на знаења (во врска со завршните и матурските испити) и каталози на одбрани учебници и нивно објавување на официјалната Интернет страница на Министерството за образование и наука.
Оваа дејност се остварува со издавање на наведените публикации и материјали на македонски јазик, албански јазик, турски јазик и српски јазик.

8. Развивање информациски систем и база на податоци
Бирото за развој на образование прибира, средува и обработува податоци, средува и чува педагошка документација од значење за воспитанието и образованието во Република Македонија. Бирото набавува стручна литература и списанија од земјата и од странство за своите потреби.

 




 
 
2006 (c) Copyright KOMA Lab.. All rights reserved.